Подобност на извршна исправа за извршување

Наслов Подобност на извршна исправа за извршување
Вид на документ Одлука Број ГЖ.бр.573/2012
Правна област Граѓанска област Датум на донесување 4/24/12 1:20 PM
Група на правен основ Обезбедувања на побарувања и извршување Правен основ Утврдување на неправилности при извршување
Суд од кој произлегува Апелационен суд Гостивар
АПЕЛАЦИОНИОТ СУД ГОСТИВАР, во совет составен од судиите Зариф Зеќири – претседател на советот, Велко Страшевски и Шефајет Хајдари – членови на советот во правната работа на доверителот Ј.М. од Г., против должникот О.У. Н.Ф. од Г., решавајќи по приговорот од должникот против налог за извршување И.бр.129/12 од 30.01.2012 година на Извршител Ч.Л. именуван за подрачје на Основниот суд Гостивар и Кичево, а одлучувајќи по жалбата на доверителот изјавена преку полномошникот Н.С. адвокат од Г., против решението на ВД Претседателот Љ.Ѓ. на Основниот суд Гостивар, ППНИ.бр.34/12 од 16.02.2012 година, на нејавна седница на советот одржана на 24.04.2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е


ЖАЛБАТА на доверителот, СЕ ОДБИВА КАКО НЕОСНОВАНА.

РЕШЕНИЕТО на ВД Претседателот на Основниот суд Гостивар ППНИ.бр.34/12 од 16.02.2012 година, СЕ ПОТВРДУВА.


О б р а з л о ж е н и е


ВД Претседателот на Основниот суд Гостивар, со обжаленото решение, го усвоил приговорот од должникот ОУ Н.Ф. село Н. Општина В. изјавен преку полномошник С.З. адвокат од Г., против Налог за извршување на дејствие што може да го изврши само должник И.бр.129/12 од 30.01.2012 година на извршител Ч.Л., во извршниот предмет заведен по барање за спроведување на извршување на доверителоот Ј.М. од Г., па утврдил дека се сторени неправилности при извршувањето со издавањето на Налог за извршување на дејствие што може да го изврши само должник И.бр.129/12 од 30.01.2012 година на извршител Ч.Л., бидејќи извршната исправа не била подобна за извршување согласно чл.17 ст.1 од Законот за извршување. Налогот за извршување на дејствие што може да го изврши само должник И.бр.129/12 од 30.01.2012 година на извршител Ч.Л. го ставил вон сила.

Незадоволен од ваквото решение останал доверителот кој преку својот полномошник вложил навремена жалба со која го побива истото поради суштествена повреда на одредбите на парничната постапка, погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба и погрешна примена на материјалното право, со предлог жалбата да се уважи, обжаленото решение да се преиначи во корист на доверителот или истото да се укине и предметот да се врати на првостепениот суд на повторно разгледување и одлучување.

Одговор на жалба е поднесен од страна на должникот преку полномошникот З.С. адвокат од Г. со кој се побиваат жалбените наводи во целост со предлог жалбата да се одбие како неоснована, а првостепеното решение да се потврди.

Апелациониот суд Гостивар, постапувајќи по жалбата, одговорот на жалба, обжаленото решение и увид на списите во предметот, согласно член 351 став 1 и 354 став 1 од ЗПП в.в. со член 371 од ЗПП в.в. со 10 и член 77-а став 7 од Законот за извршување, најде:

Жалбата е неоснована.

Овој суд во смисла на одредбата од член 354 став 1 од ЗПП, го испитуваше обжаленото решение во границите на жалбените причини, по службена должност внимавајќи на сторени суштествени повреди на одредбите од парничната постапка од член 343 став 2 од ЗПП, во врска со член 10 од ЗИ, најде дека со донесувањето на обжаленото решение не е сторена ниту една од суштествените повреди на кои овој суд внимава по службена должност бидејќи обжаленото решение е јасно, разбирливо, непротивречно со доволно образложени причини за одлучните факти од кои се раководел првостепениот суд при одлучувањето поради што истото може со сигурност и во целост да се испита.

Имено, извршителот постапил по барање за спроведување на извршување на доверителот Ј.М. од Г. врз основа на извршна исправа РО.бр.25/11 од 13.10.2011 година на Основен суд Гостивар, по што издал Налог за извршување на дејствие што може да го изврши само должник И.бр.129/12 од 30.01.2012 година, врз основа на чл.222 ст.1 од ЗИ, со кој се наложува на должникот ОУ Н.Ф., во рок од 8 дена да го изврши дејствието содржано во извршната иправа РО.бр.25/11 од 13.10.2011 година на Основен суд Гостивар кое се состои во: се задолжува должникот ОУ Н.Ф. да изврши нов избор од редот на кандидатите кој ги исполнуваат условите од објавениот оглас ... за наставен кадар за 2010/2011 година. Согласно извршната исправа РО.бр.25/11 од 13.10.2011 година на Основен суд Гостивар се задолжуа жниот да извши нов избор о редот на кандидатите кој ги исполнуваат условите од објавениот оглас, како и да и ги надомести на тужителката трошоците по постапката во износ од 14.360,00 денари, сето тоа во рок од 8 дена по прием на препис од пресудата. Имајќи ја предвид извршната исправа, како и чл.17 ст.1 од Законот за извршување според кој Извршната исправа е подобна за извршување ако во неа се назначени доверителот и должникот, како и предметот, видот, обемот и времето на исполнувањето на обврската, произлегувало дека извршната исправа не е подобна за извршување бидејќи со налогот должникот е задолжен да изврши нов избор од редот на кандидатите кој ги исполнуваат условите од објавениот оглас ... за наставен кадар за 2010/2011 година, што значи дека времето на исполнувањето на обврската е веќе изминато со што извршната исправа ја загубила подобноста за извршување а во смисла на цитираниот член.

Во жалбата на доверителот се наведува дека наместо одговорното лице и училиштето бидат казнети за непостапување по правосилна судска одлука, напротив тие се наградени и охрабрени да можат во иднина да носат незаконити одлуки, а за тоа да не бидат казнети и да не одговараат, а додека пак оштетената да не биде обештетена согласно законот бидејќи е сосема во право.

Овој суд ги разгледуваше ваквите жалбени наводи но смета дека истите се неосновани, ова од причини што правилен е заклучокот на првостепениот суд дека времето на исполнувањето на обврската е веќе изминато со што извршната исправа ја загубила подобноста за извршување во смисла на член 17 став 1 од ЗИ. Процесна претпоставка, која се однесува на извршната исправа и без која не може да се спроведе извршување е извршната исправа да биде подобна за извршување. Оттука, по мислење на овој суд во конкретниов случај не може да се бара извршување во 2012 година да се изврши дејствието содржано во извршната исправа - пресуда на Основниот суд Гостивар РО.бр.25/11 од 13.10.2011 година, односно должникот да изврши нов избор од редот на кандидатите кои ги исполнуваат условите од објавениот оглас бр... за наставен кадар за 2010/2011 година.

Како нестојат жалбените наводи наведени во жалбата на должникот, првостепеното решение правилно е донесено согласно Законот за извршување, овој суд одлучи како во изреката на оваа одлука согласно член 370 став 1 точка 2 од ЗПП в.в. со член 10 и член 77-а став 7 од Законот за извршување.

АПЕЛАЦИОНЕН СУД ГОСТИВАР, ГЖ.бр.573/12 од 24.04.2012 год.
Претседател на советот- судија
Зариф Зеќири с.р.