ВО ИМЕТО НА ГРАЃАНИТЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
АПЕЛАЦИОНИОТ СУД ВО ГОСТИВАР, во совет составен од судиите Наташа Стефановска-претседател на советот, Златко Анѓелкоски и Рафис Идризи-членови на советот, во правната работа на тужителот С. д.о.о експорт-импорт С., против тужениот а.д. Р. Фабрика за... Ф. С., за исполнување на договор, вредност на спорот 60.000,00 ден., и по противтужбата на тужениот-противтужителот а.д. Р. Фабрика за... Ф. С., против противтужениот -тужителот С. д.о.о. експорт-импорт С., за утврдување дека е раскинат договорот, вредност на спорот 100.000,00 ден., одлучувајќи по жалбата на тужениот-противтужителот, изјавена преку полномошникот, адвокатот А.К. од С., против пресудата на Основниот суд во Гостивар ТС.бр.60/10 од 01.11.2010 год., на нејавната седница одржана на ден 20.01.2012 год., донесе,
П Р Е С У Д А
ЖАЛБАТА на тужениот-противтужителот а.д. Р. Фабрика за... Ф. С., изјавена преку полномошникот, адвокатот А.К. од С., ДЕЛУМНО СЕ УВАЖУВА.
ПРЕСУДАТА на Основниот суд во Гостивар ТС.бр.60/10 од 01.11.2010 год., во делот од изреката под т.ИИ, освен во делот од одлуката за трошоците по постапката, СЕ ПОТВРДУВА.
ПРЕСУДАТА на Основниот суд во Гостивар ТС.бр.60/10 од 01.11.2010 год., во делот од изреката под т.И, СЕ ПРЕИНАЧУВА И СЕ ОДЛУЧУВА:
ТУЖБЕНОТО БАРАЊЕ на тужителот С. д.о.о. експорт-импорт С., да се утврди дека тужителот се стекнал со право на сопственост врз основа на договорот за продажба заверен под бр... од 05.07.2004 год., за недвижниот имот што се наоѓа на к.п.бр... и к.п.бр... опишани во имотен лист бр... и ..., издадени од Одделението за премер и катастар Д., и тоа на производствен погон со површина од 1346 м2 и канцелариски простор со површина од 19 м2, помошни простории во површина од 113 м2 и топлана со површина од 85 м2, да се задолжи тужениот а.д. Р. Фабрика за... Ф. С. да му го признае правото на сопственост за да може тужителот да изврши упис во јавните книги за уредување на правото на сопственост на горенаведениот недвижен имот, а во спротивно пресудата да му послужи да изврши таков упис по правосилноста на истата, како и да му ги надомести трошоците во износ од 106.800,00 ден., а се во рок од 8 дена по правосилноста на пресудата, се одбива како неосновано.
Секоја странка да ги сноси своите парнични трошоци.
О б р а з л о ж е н и е
Со обжалената пресуда, се усвојува тужбеното барање на тужителот. Се утврдува дека тужителот се стекнал со право на сопственост врз основа на договорот за продажба заверен под бр... од 05.07.2004 год., за недвижниот имот што се наоѓа на КП.бр... и КП.бр... опишани во имотен лист бр... и ... издадени од Одделението за премер и катастар Д., и тоа на производствен погон со површина од 1346 м2 и канцелариски простор со површина од 19 м2, помошни простории во површина од 113 м2 и топлана со површина од 85 м2. Се задолжува тужениот да му го признае правото на сопственост, за да може тужителот да изврши упис во јавните книги за уредување на правото на сопственост на недвижниот имот опишан во ст.2 од оваа пресуда, а во спротивно оваа пресуда да му послужи да изврши таков упис по правосилноста на истата, како и да му ги надомести трошоците во износ од 106.800,00 ден., се во рок од 8 дена по правосилноста на пресудата. Под точка ИИ од изреката, противтужбеното барање на тужениот против тужителот да се утврди дека е раскинат договорот за продажба на стопанскиот имот склучен помеѓу тужениот и тужителот под бр... од 05.07.2004 год. и анексите бр... и ... составен дел на основниот договор, во кој предмет на купопродажба е дисперзиран погон-фабрика во сопственост на тужениот, сега противтужителот, и се наоѓа во Ц.Ж.-Д., со објекти опишани во КП. бр... и ..., а заведени во имотен лист бр... и ... за КО Ж., како и да се задолжи да му ги надомести трошоците во постапката, се одбива како неосновано.
Против ваквата пресуда, навремено, жалба поднесе тужениот, преку неговиот полномошник, поради суштествена повреда на одредбите на парничната постапка по чл.343 ст.2 т.13 од ЗПП, погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба и погрешна примена на материјалното право, со предлог, жалбата на тужениот-противтужителот да се уважи во целост, обжалената пресуда да се преиначи така што ќе се одбие тужбеното барање како неосновано, а противтужбеното барање на тужениот-противтужителот ќе се усвои така што ќе се утврди дека договорот за продажба на стопански имот склучен помеѓу тужениот и тужителот е раскинат, а тужителот ќе се задолжи со трошоците во постапката.
Тужителот, преку полномошникот, адвокатот Т.Г. од С., поднесе одговор на жалба, со предлог, жалбата на тужениот да се одбие како неоснована и првостепената пресуда да се потврди.
Апелациониот суд во Гостивар, испитувајќи ја обжалената пресуда, согласно чл.351 и 354 од ЗПП, ценејќи ја жалбата, одговорот на жалбата и списите во предметот, најде дека,
Жалбата на тужениот, изјавена преку полномошникот, адвокатот А.К. од С., е делумно основана.
Неоснован е жалбениот навод за сторена суштествена повреда на одредбите на парничната постапка од чл.343 ст.2 т.13 од ЗПП, во обжалената пресуда. Пресудата нема недостатоци поради кои не може да се испита. Изреката на пресудата е разбирлива, не противречи самата на себеси и на причините за пресудата. Во пресудата се дадени причините за решителните факти, кои се јасни и непротивречни.
Неоснован е жалбениот навод за погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба во обжалената пресуда. Според овој суд, првостепениот суд на правилно утврдената фактичка состојба погрешно го применил материјалното право во обжалениот дел од пресудата. Имено, врз основа на изведените докази, првостепениот суд утврдил дека помеѓу тужителот и тужениот бил склучен договор за продажба на стопански имот од 05.07.2004 год., со кој тужениот на тужителот му продава стопански имот-дисперзиран погон-фабрика што се наоѓа во Ц.Ж., во сопственост на тужениот, со објекти и машини, а според анекс договорите ... и ..., имотот се наоѓа на КП.бр... и ..., а заведен во имотен лист бр... и ... за КО Ж.. Според договорот, тужениот презел обврска да обезбеди слободен промет на недвижноста, поради забраната од страна на УЈП на РМ. На тужителот му било во интерес како купувач да ја обезбеди неопходната документација за недвижноста, како што било предвидено во договорот и анексите, но тужениот не обезбедил одобрение за слободен промет на имотот, па не била извршена заверка на договорот помеѓу странките. Забраната за промет на имотот била поради долг на тужениот за неплатен данок спрема државата, односно УЈП, а поради тоа истата покренала постапка за наплата на долгот, но бидејќи сметката на должникот, денес тужениот била блокирана, по предлог на Агенцијата за... била поведена претходна постапка за стечај со решение СТ.бр.1178/05 од 14.12.2005 год. Со решение СТ.бр.1178/05 од 11.09. 2006 год. постапката била запрена и биле укинати мерките за обезбедување спрема тужениот. Од страна на УЈП, ставена е забрана за продажба на недвижниот имот поради наплата на долг на име данок, што подоцна резултирало со носење на заклучок за проценка на имотот од 24.05.2005 год., како и распишување на оглас за продажба на имотот, но бидејќи огласот неуспеал, а во меѓувреме дошло до преговори помеѓу УЈП, тужениот и тужителот по однос на ослободување на имотот од забраната, е склучен договор за отстапување на побарување(цесија), и тоа помеѓу тужениот како отстапувач(цедент), Министерството за... како примач(цесионер) и тужителот како должник(цесус). Ваквиот договор бил склучен со цел тужителот да отпочне да го исплатува долгот за тужениот на име данок, со што ќе било дозволено да се завери договорот за купопродажба, но и покрај ова тужениот одбивал да се изврши заверка на договорот. Тужителот сметал дека од негова страна се исполнети обврските преземени со договорот и извршена е дел од уплатата спрема УЈП, согласно чл.6 од анекс договорите бр... и ..., од кои произлегува дека тужениот како продавач бил должен да овозможи заверка на договорот и предавање на недвижниот имот во владение на тужителот. Тужителот постапувајќи по известувањето од УЈП бр... од 12.07.2005 год. дека истиот може да го преземе и да го плати долгот на даночниот обврзник што е обезбеден со заложно право на недвижниот имот предмет на продажба, согласно договорот за цесија извршил уплата на сметка на УЈП, и тоа сума од 1.500.000,00 ден. на 14.09.2005 год. и 100.000,00 ден. на 29.03.2005 год. со што започнал да го отплаќа долгот, а со цел да се овозможи потпишување и заверка на договорот. Другиот дел од уплатата требало да се изврши со стасување на ратите од купопродажниот договор предвидени во анексите 1 и 2 од договорот. При вака утврденото, првостепениот суд го усвоил тужбеното барање на тужителот како основано, а го одбил противтужбеното барање на тужениот, како во изреката на пресудата, врз основа на чл.18, 46 ст. 1, 113 ст.1, 114 и 115 од ЗОО. Според првостепениот суд, тужителот ги исполнил своите обврски од договорот за продажба со тоа што ја презел во целост обврската на тужениот спрема Р.М. Министерство за... Управа за.... Висината на преземениот долг е поголема од проценетата вредност на недвижноста, односно купопродажната цена на недвижноста утврдена во договорот за купопродажба е повисока од проценетата вредност на недвижноста од страна на УЈП.
Неоснован е заклучокот на првостепениот суд дека со склучувањето на договорот за цесија помеѓу тужениот, УЈП и тужителот, тужителот го превзел долгот од тужениот и со тоа тужителот ги исполнил своите обврски согласно анексите на договорот бр... и ... Според првостепениот суд, со потпишувањето на договорот за цесија обврската на тужителот останала да биде спрема РМ МФ Управа за..., бидејќи видно од договорите за цесија тужителот ја презел обврската, па немало потреба да исполнува никакви услови спрема тужениот, бидејќи договорот за цесија е склучен после анексите на договорот, односно на ден 26.10.2005 год., со кои договори тужениот како цедент ги подмирил своите обврски спрема цесионерот УЈП, со тоа што цесионерот ќе ги наплатува побарувањата од цесусот-тужителот, што е наведено во чл.4 од договорите за цесија. Со тоа целиот долг на тужениот спрема РМ бил преземен од страна на тужителот, за исплата на долгот наместо тужениот.
Имено, според договорот за отстапување на побарување(цесија) склучен помеѓу Р. Ф. а.д. С. како отстапувач(цедент), Министерство за... С. како примач(цесионер) и С. д.о.о експорт-импорт како должник(цесус), со чл.1, отстапувачот и должникот се согласни дека отстапувачот како цедент побарува од должникот како цесус износ од 1.500.000,00 ден. Со чл.2, отстапувачот(цедентот) го отстапува побарувањето од чл.1 на овој договор на примачот Министерство за финансии како цесионер, во износ од 1.500,000,00 ден., наместо исполнување на својата обврска на име даночен долг по основ ДДВ од 2001 год. Според чл.3, цесусот се обврзува износот од чл.2 да го плати на цесионерот на наведената уплатна сметка и приходна шифра. Со чл.4, со оваа цесија, цедентот ги подмирува своите обврски спрема цесионерот по тука наведеното решение и ги наплатува своите побарувања од цесусот во износот од чл.2 од договорот. Идентична е содржината и на другот договор за цесија, со тоа што тој се однесува на износ од 100.000,00 ден.
Според чл.424 ст.1 од ЗОО, доверителот може со договор склучен со трет да го пренесе врз него своето побарување, освен она чие пренесување е забрането со закон или кое е врзано за личноста на доверителот или кое според својата природа му се спротивставува на пренесувањето врз друг. Според чл.425 ст.1 од ЗОО, со побарувањето, врз примачот преминуваат споредните права, како што се правото на првенствена наплата, хипотека, залогот и др. Според чл.432 ст.1 од ЗОО, кога должникот наместо исполнувањето на својата обврска му го отстапи на доверителот своето побарување или еден негов дел, со склучувањето на договорот за отстапување, должниковата обврска се гаси до износот на отстапеното побарување. Тоа претставува посебен случај на отстапување на побарување, т.е. отстапување наместо исполнување. За таков случај се работи и во случајот на предметните договори за отстапување на побарување(цесии) склучени помеѓу тужениот, МФ С. и тужителот. Значи, во случајот, не може да стане збор дека врз основа на договорите за цесија тужителот го презел долгот на тужениот спрема Управата за..., зашто со договор за цесија не се презема долг, туку се пренесува побарувањето на тужениот спрема тужителот, на доверителот УЈП, наместо исполнување на обврската, со што должниковата обврска се гаси само до износот на отстапеното побарување. Затоа и со известувањето на УЈП Регионална дирекција С. до С. д.о.о. С. бр... од 20.10.2005 год., оваа дирекција го известува тужителот дека заради плаќање на даночните долгови на Р. Ф. а.д. С., тужителот е должен да доставува редовно договори за цесии како начин на плаќање на даночните долгови, со извод од извршените уплати. Според чл.6 од Анексот бр... кон договорот за продажба од 05.07.2004 год., префрлањето на имотот на име на купувачот ќе се изврши така што купувачот ќе ги обезбеди сите потребни документи(катастарски и имотни) за префрлањето да биде можно во правна смисла. Купувачот мора во тој момент да има уплатено повеќе од 40 % од сумата на договорот, односно повеќе од 3.660.000,00 ден. Значи, тужителот морал во моментот на префрлувањето на објектот да има уплатено повеќе од 40 % од сумата на договорот, односно повеќе од 3.660.000,00 ден., што не е случај. Исто така, тужителот го нема исплатено поголемиот дел од купопродажната цена за недвижниот имот, предмет на договорот за купопродажба. Според чл.442 ст.1 од ЗОО, со договорот за продажба продавачот се обврзува предметот што го продава да му го предаде на купувачот така што купувачот да стекне право на сопственост, а купувачот се обврзува да му ја плати на продавачот цената.
Од друга страна, според чл.434 ст.1 од ЗОО, преземањето на долг се врши со договор меѓу должникот и преземачот, со кој се согласил доверителот. Според ст.2 на овој член, за склучениот договор, секој од нив може да го извести доверителот и на секој од нив доверителот може да му ја соопшти својата согласност за преземањето на долгот. Според ст.3 на овој член, се претпоставува дека доверителот ја дал својата согласност ако без одлагање примил некое исполнување од преземачот, што овој го направил од свое име. Според ст.4 на овој член, договарачите, како и секој од нив посебно, може да го повика доверителот во определен рок да се изјасни дали се согласува со преземањето на долгот и ако доверителот не се изјасни во определениот рок, се смета дека не ја дал својата согласност. Според ст.5 од овој член, договорот за преземање на долг има дејство на договор за преземање на исполнување за време додека доверителот не ќе даде своја согласност за договорот за преземање на долгот, како и ако тој одбие да даде согласност. Според чл.435 ст.1 од ЗОО, кога при отуѓувањето на некоја недвижност врз која постои хипотека е договорено меѓу прибавувачот и отуѓувачот дека прибавувачот ќе го преземе долгот спрема хипотекарниот доверител, се смета дека хипотекарниот доверител дал согласност за договорот за преземање на долг ако на писмен повик од отуѓувачот не го одбил во рок од еден месец од приемот на повикот. Според ст.2 на овој член, во писмениот повик на доверителот мора да му биде свртено внимание на оваа последица, инаку ќе се смета како повикот да не е упатен. Според чл.436 ст.1 од ЗОО, со преземањето на долгот преземачот стапува на местото на поранешниот должник, а овој се ослободува од обврската. Според ст.3 на овој член, меѓу преземачот и доверителот постои истата обврска која дотогаш постоела меѓу поранешниот должник и доверителот. Од горе наведеното произлегува дека во случајот, со договорите за цесија не е извршено преземање на долг, туку се пренесува побарувањето на тужениот спрема тужителот, на доверителот УЈП, наместо исполнување на обврската, со што должниковата обврска се гаси само до износот на отстапеното побарување.
Неоснован е жалбениот навод дека првостепениот суд требало да утврди дека е раскинат предметниот договор за купопродажба. Имено, според чл.9 од договорот за продажба од 05.07.2004 год. склучен помеѓу тужителот како купувач и тужениот како продавач, договорот стапува во сила со неговото потпишување и потпишување на анексите на договорот 1 и 2, и при тоа се потпишува протокол на примопредавање и записник за утврдена состојба на објектот. Преносот на имотот и останатите процедури се согласно утврдените процедури со анекс договорите на овој договор. Според чл.6 од Анексот бр... кон договорот за продажба од 05.07.2004 год., префрлањето на имотот на име на купувачот ќе се изврши така што купувачот ќе ги обезбеди сите потребни документи(катастарски и имотни) за префрлањето да биде можно во правна смисла. Купувачот мора во тој момент да има уплатено повеќе од 40 % од сумата на договорот, односно повеќе од 3.660.000,00 ден., а во чл.5 од анексот е уреден начинот на плаќањето. Според чл.10 од анексот, договорот стапува во сила со неговото потпишување и уплата на 10 % од првата рата, односно со целосна исплата на првата рата до 15.09.2004 год. и влегување во владеење на купувачот. При тоа се потпишува протокол на примопредавање и записник за утврдена состојба на објектот. Тоа значи дека со целосната исплата на првата рата од страна на тужителот, во износ од 1.000.000,00 ден. тужениот требало да го предаде во владение предметниот недвижен имот на тужителот. Тоа не е сторено во конкретниот случај од страна на тужениот, иако со Одлуката за согласност бр... од 08.07.2005 год., одборот на директори на тужениот дава согласност за реализација на предметниот договор за продажба на стопански имот од 05.07.2004 год. и се дава согласност средствата од овој договор да се уплатат на име на Управата за... по основ на долг за ДДВ, како и се задолжува извршниот директор да ја реализира одлуката.
Според чл.10 од ЗОО, учесниците во облигациониот однос се должни да ја извршат својата обврска и се одговорни за нејзиното исполнување. Обврската може да се згасне само со согласност на волјите на учесниците на облигациониот однос или врз основа на закон. Според чл.18 од ЗОО, договорот е склучен кога договорните страни се спогодиле за суштествените состојки на договорот. Според чл.65 од ЗОО, договорот за чие склучување се бара писмена форма се смета за полноважен иако не е склучен во таа форма, ако договорните страни ги извршиле, во целост или во поголем дел, обврските што настануваат од него, освен ако од целта поради која е пропишана формата очигледно не произлегува нешто друго. Според чл.111 ст.1 од ЗОО, во двостраните договори, ниедна страна не е должна да ја исполни својата обврска, ако другата страна не ја исполни или ако не е готова истовремено да ја исполни својата обврска, освен ако нешто друго е договорено или со закон определено, или ако нешто друго произлегува од природата на работата. Според чл.113 од ЗОО, во двостраните договори, кога една страна не ќе ја исполни својата обврска, другата страна, ако не е определено нешто друго, може да бара исполнување на обврските или, под условите предвидени во натамошните членови, да го раскине договорот со проста изјава, ако раскинувањето на договорот не настапува според самиот закон, а во секој случај има право на надомест на штетата. Според чл.114 ст.1 од ЗОО, кога исполнувањето на обврската во определениот рок е суштествена состојка на договорот, па должникот не ќе ја исполни обврската во тој рок, договорот се раскинува според самиот закон. Според ст.2 на овој член, доверителот може да го одржи договорот во сила, ако по истекот на рокот, без одлагање, го извести должникот дека бара исполнување на договорот. Според ст.3 на овој член, кога доверителот барал исполнување, па не го добил во разумен рок, може да изјави дека го раскинува договорот. Според чл.455 ст.1 од ЗОО, продавачот е должен да му го предаде предметот на купувачот во времето и на местото предвидено со договорот. Според ст.2 на овој член, продавачот ја извршил обврската за предавање на купувачот, по правило, кога предметот ќе му го врачи или ќе му предаде исправа со која предметот може да се преземе. Во конкретниот случај, тужениот не ја исполнил својата обврска да го предаде во владение на тужителот предметниот недвижен имот, иако со целосната исплата на првата рата од страна на тужителот, во износ од 1.000.000,00 ден. тужениот треба да го предаде во владение предметниот недвижен имот на тужителот, а тужителот веќе има уплатено износ од 1.600.000,00 ден.
Согласно чл.148 ст.1 од ЗПП, со оглед дека двете странки ја загубија парницата по однос на своето тужбено, односно противтужбено барање, овој суд одлучи секој странка да ги сноси своите трошоци по постапката.
Од овие причини, согласно чл.361 ст.4 од ЗПП, следуваше да се одлучи како во изреката.
АПЕЛАЦИОНЕН СУД ГОСТИВАР, ТСЖ.бр.205/11 од 20.01.2012 год.
Претседател на совет – судија,
Наташа Стефановска с.р